На повеќе локации низ Скопје осамнаа пораки како „Зајакната младина денес значи подобро утре“, „Слобода, креативност, младост – тоа е твојата моќ“ и „Никогаш не си премлад за да ја промениш иднината“ во чест на 12 август, Меѓународниот ден на младите.
Станува збор за герила акција на „ХЕРА Млади“ под мотото „Промени ја сликата, ти си разликата“, со цел да се истакне важната улога на младите во обликувањето на иднината на нашето општество.
„Герила акцијата се организираше со идеја да се зголеми свесноста кај младите, со потенцирање на концептот дека нивните идеи и нивната вклученост во општествениот живот се од важност токму за нив самите. Преку оваа акција укажавме на потребата од промоција на здрава комуникација и информираност на младите преку зајакнување на механизмите на општеството и имплементација на сеопфатно сексуално образование. Само на овој начин можат да се решат проблемите на адолесцентна бременост и предизвиците поврзани со родовите идентитети и само на овој начин ќе може целосно да се искористи потенцијалот на секој млад човек во нашава држава“, велат од Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА.
Фото: ХЕРА