ДЕМИ ЛОВАТО ВЕЛИ ДЕКА ИМАЛА СРЦЕВ УДАР И ТРИ МОЗОЧНИ УДАРИ ПО ПРЕДОЗИРАЊЕТО ВО 2018

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

Поп пејачката Деми Ловато откри дека имала срцев удар и три мозочни удари по предозирањето со дрога во 2018, што едвај го преживеала.

„Лекарите ми кажаа дека пет до десет минути ме делеле од смрт“, вели таа во трејлерот за нова документарна серија.

Таа исто така вели дека предозирањето ја оставило со трајни оштетувања на мозокот.

„Сѐ уште ги чувствувам последиците. Меѓу другото, имам заматен вид, што значи дека не смеам да возам и имам проблеми при читање“.

Ловато заврши во болница во јули 2018 откако била пронајдена онесвестена во својот дом во Лос Анџелес. Предозирањето уследи кратко време откако призна дека повторно почнала да користи дрога по шест години пауза.

„Сум имала многу животи, како мачка. Сега сум во мојот деветти живот“, вели таа во серијата насловена „Танцување со ѓаволот“.