ДЕСЕТ ГОДИНИ ВЕЖБАВ СЕКОЈ ДЕН И ЗНАЕВ ДЕКА ЌЕ ОСВОЈАМ ОЛИМПИСКО ЗЛАТО, ВЕЛИ ПАРАОЛИМПИЕЦОТ АГРОН ХАЈРЕДИНИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Македонските олимпијци на Специјалната олимпијада во Берлин освоија пет медали, од кои едно злато, две сребра и две бронзи.

Агрон Хајредини е единствениот член на македонскиот тим кој донесе злато од Специјалната олимпијада. Триесет и петгодишниот тетовец со церебрална парализа имаше најдобар резултат во атлетската дисциплина скок во далечина од место и со тоа во голем стил надомести за разочарувањето од последната Олимпијада во Дубаи, кога за малку испушти бронзен медал.

„Ова ми е прв медал од олимпијадите. Последен пат ми избега за малку, зашто бев четврти на трката на 50 метри“, вели Хајредини.

И во Берлин ја трчаше оваа дистанца, но медалот дојде на друг терен. Самоуверено вели дека овојпат очекувал да освои злато.

„Го очекував златото. Десет години се подготвував и вежбав секој ден. Бев многу среќен кога го освоив и ќе продолжам уште повеќе да вежбам и тренирам“, додава Хајредини, кој работи под палката на параолимпиецот Ифраим Љута.

Хајредини почнал да се занимава со спорт пред десет години и притоа е активен во повеќе дисциплини.

„Атлетиката ми оди најдобро, а добро играм и баскет. Спортот ми значи многу и ми овозможува да се чувствувам многу подобро“, вели Хајредини.

Неговите резултати се импресивни, имајќи предвид дека во Тетово нема соодветни услови за тренирање атлетика.

„Во Тетово тренираме во многу лоши услови. Немаме атлетска патека и соблекувални, нема стадион каде би тренирале атлетика, го уништија Спортскиот центар, а други објекти нема. Тренинзите ги правиме на фудбалското игралиште на Државниот универзитет. И таму патеката не е баш рамна и многу го отежнува тренирањето, посебно за Агрон, на кого секоја нерамнина на теренот многу му пречи“, изјави Љута за САКАМДАКАЖАМ.

Г. КОНЕВ / Фото: К. ПОПОВ