ЏАФЕР ЌЕ ДОБИЕ ЗЛАТНА БУБАМАРА ЗА ТРАЈНИ МУЗИЧКИ ВРЕДНОСТИ, УТРЕ ПОЧНУВА ПРОДАЖБА НА ВЛЕЗНИЦИТЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Ветеранот на македонската музичка сцена Мики Јовановски-Џафер ќе ја добие наградата за тројни музички вредности на годинашната Златна бубамара, што ќе се одржи на 21 февруари во ВИП арената „Борис Трајковски“.

Организаторите во исто време соопштија дека влезниците за настанот ќе бидат пуштени во продажба утре на пладне на www.mktickets.mk, а после 14 часот ќе можат да се купат и во „Југотон“ во Градски трговски центар.

И додека сценариото останува „најстрого чувана тајна“, познато е само дека наградата за трајни музички вредности ќе ја добие Мики Јовановски-Џафер.

„Оваа престижна награда е, всушност, потврда за трајниот музички печат, што Мики Јовановски-Џафер го остави во срцата на сите љубители на поп и рок-музиката. ‘Лага и измама‘, ‘Под Пелистер‘, ‘Одам на југ‘, ‘Мики мој‘ и ‘Сонце за три света’ се песните со кои влезе во историја на македонската музика“, се вели во појаснувањето на организаторите.

Манифестација оваа година ќе се одржи под слоганот „Да се предадеме! На музика, забава и смеење – откако се одадовме на лажење, крадење и неверства“.