ЏЕНИФЕР ЛОПЕЗ И БЕН АФЛЕК ЈА ОБНОВИЈА ВРСКАТА КОЈА ДОМИНИРАШЕ ВО ТАБЛОИДИТЕ ПРЕД 20-ИНА ГОДИНИ

Лос Анџелес, (Ројтерс)

Џенифер Лопез и Бен Афлек се снимени како се бакнуваат во ресторан во Малибу, потврдувајќи ги неколкунеделните шпекулации дека ја обновиле врската која доминираше во таблоидите пред речиси 20 години. Претставниците на двајцата актери засега немаат дадено официјален коментар.

Лопез-Афлек, популарно наречена Бенифер, беше двојката за која најмногу се зборуваше во светот на славните во почетокот на 2000-ите. Врската вклучи и 6,1-каратен розев дијамантски свршувачки прстен, пред нагло да ја откажат свадбата во 2004 година и да се разделат неколку месеци подоцна.

Двојката беше снимена заедно неколку пати во Лос Анџелес и Мајами во изминатите недели. Ова уследи откако Лопез ја раскина свршувачката со бившата ѕвезда на бејзболот, Алекс Родригес. Холивудските медиуми пишуваат дека Лопез дури планирала да се пресели од Мајами во Лос Анџелес со цел да поминува повеќе време со Афлек.

Само пет месеци по разделбата, Лопез се омажи за пејачот Марк Ентони, а Афлек подоцна се ожени со актерката Џенифер Гарнер.