Кели Престон, ѕвезда на филмовите „Близнаци“ и „Џери Мегвајер“, почина во Хјустон на 57 години, објави нејзиниот сопруг Џон Траволта. Во емотивен пост на Инстаграм, Траволта кажа дека таа две години се борела со рак на дојка.
„Животот и љубовта на Кели секогаш ќе ги паметиме. Таа водеше храбра битка, добивајќи љубов и поддршка од многумина. Ќе се повлечам на некое време за да бидам со моите деца, кои изгубија мајка“, изјави Траволта.
Љубовната приказна на Кели и Џон, еден од најголемите секс-симболи на своето време, почна во 1988 година, кога заедно ја снимаа комедијата „Експерти“. Тие се венчаа во Париз во 1991, кога Престон веќе била бремена со нивното прво дете, синот Џет, а подоцна ги добија и ќерката Ел Блу (2000) и синот Бенџамин (2010). Џет почина на 16-годишна возраст по епилептичен напад додека биле на семеен одмор на Бахами.
Траволта и Престон заедно се појавија во пет филма, вклучувајќи го нејзиниот последен, „Готи“ од 2018 година.