Победничката на првото издание на националната награда „Роксан Стојанов“, Виола Имери, од 3 до 12 јули ќе престојува во Париз, заедно со нејзината менторка Дафина Данилоска-Кочевска. Патувањето, престојот и професионалната програма се организирани од културниот центар „Интерарт“, Францускиот институт и Амбасадата на Франција во Скопје, со поддршка на Амбасадата на Македонија во Париз.
Овој престој е дел од наградата „Роксан Стојанов“, востановена да им овозможи на младите балетски и танцови уметници реална професионална поддршка, меѓународно искуство и директен контакт со врвни уметници и институции. Првото издание на натпреварот се одржа на 18 април во Македонскиот народен театар, на отворањето на 22. издание на Танц фест Скопје.
Од Францускиот институт велат дека Имери ќе учествува на програмата на Балетската школа на Париската опера, каде што ќе посетува часови по класичен балет со Стефан Булион и часови по современ танц и џез.
Фото: Виола Имери и Роксан Стојанов (Фото: Француски институт)