ДВЕ ТИНЕЈЏЕРКИ БЕЗ ЗНАЧАЈНИ УСПЕСИ ЗАД СЕБЕ ЌЕ ИГРААТ ВО ФИНАЛЕТО НА ЈУ-ЕС ОПЕН

Њујорк, (Би-Би-Си)

Две тинејџерки ќе играат во финалето на Отвореното првенство на САД: 18-годишната Ема Радукану и Лејла Фернандез, која во понеделникот наполни 19 години. Ова ќе биде првпат за гренд слем титула да се борат две неносителки.

Радукану стана прва британска гренд слем финалистка во последните 44 години откако ја совлада Гркинката Марија Сакари со 6:1, 6:4. Таа исто така е првата тенисерка која од квалификациите стигна до финалето на еден гренд слем турнир. Играјќи го само вториот гренд слем турнир во кариерата, Радукану не изгуби ниеден сет на досегашните девет мечеви.

„Ова е лудо, кул и апсолутно неверојатно. Беше легендарно да се игра под рефлекторите на стадионот ‘Артур Еш‘. Не чувствувам никаков притисок да победам. Имам одредени очекувања како сакам да играм во финалето, но резултатот не ме оптоварува“, изјави Радукану, која моментално е на 150. место на ВТА-листата, но се очелува да напредува до 32-то.

Од другата страна на мрежата ќе биде 73. тенисерка на светот, која во полуфиналето ја совлада втората носителка Арина Сабаленка со 7:6, 4;6, 6:4. Канаѓанката Фернандез претходно ги елиминираше Наоми Осака, Анџелик Кербер и петтата носителка Елина Свитолина.

Ова ќе биде осмо гренд слем финале во модерната ера во кое ќе играат тинејџери, а прво од Ју-Ес опен во 1999, кога Серена Вилијамс ја победи Мартина Хингис.