МИХАЕЛ Е РАЗЛИЧЕН, НО ТУКА Е, ВЕЛИ СОПРУГАТА НА ШУМАХЕР ВО НОВ ДОКУМЕНТАРЕЦ

Женева, (Ројтерс)

Сопругата на Михаел Шумахер вели дека тој е тука, но е различен, додека продолжува да се рехабилитира од повредите на мозокот, со кои се здоби во скијачка несреќа во декември 2013. Тоа е првпат семејството на Шумахер јавно да каже нешто за неговата состојба, што е дел од новиот документарец за седумкратниот шампион во Формула 1, што ќе се прикажува на „Нетфликс“ од 15 септември.

„Тој и натаму секој ден ми покажува колку е силен. Живееме заедно дома, правиме терапија. Правиме сè што можеме за да му биде подобро и поудобно и да го чувствува присуството на семејството. Без разлика на сè, продолжуваме со нашите животи како семејство“, вели Корина Шумахер во филмот.

Шумахер (52) извозе 19 сезони во Формула 1, каде што синот Мик го наследи оваа година. Од несреќата, тој заздравува во приватноста на семејниот дом покрај Женевското Езеро во Швајцарија.

„Многу ми е важно да продолжиме да уживаме во приватноста. Михаел секогаш нè штител и сега ние го штитиме него“, вели Корина.

Таа и Михаел се венчаа во 1995 и заедно ја имаат и ќерката Џина.