ФАНОВИ ОД ЦЕЛ СВЕТ СЕ ЖУРКАА НА ПОГРЕБОТ НА КИТ ФЛИНТ ОД „ПРОДИЏИ“

Есекс, (Би-Би-Си)

Фанови од цел свет се одзваа на повикот на членовите на „Продиџи“ да дојдат во Есекс и за последен пат да го поздрават Кит Флинт, кој почина на 4 март.

Групата преку Твитер ги повика фановите да направат почесна стража долж патот по кој ќе се превезува ковчегот до локалната црква во Бокинг, кадешто Флинт денеска беше погребан. И дојдоа од цела Европа, Америка, Австралија…

„Дојдов од Прага за да му оддадам почит на Флинт, кого го сакав уште од мала“, изјави 25-годишната Мари Леличова.

Покрај преживеаните членови на бендот, кои беа бурно поздравени кога се појавија, на погребот дојде и бившата сопруга на Флинт, диџејката Мајуми Каи, која не се огласуваше во јавноста откако тој почина.

Погребната церемонија спонтано се претвори во голема рејв журка, откако фановите почнаа да танцуваат на музиката на „Продиџи“.