ФАНОВИТЕ НА ХЕМИНГВЕЈ ВО ФЛОРИДА ПРОСЛАВИЈА 125 ГОДИНИ ОД НЕГОВОТО РАЃАЊЕ

САД, (АП)

Ернест Хемингвеј ги помина 1930-тите во Ки Вест, Флорида, а повеќе од шест децении по неговата смрт, обожавателите, научниците и роднините продолжуваат да се собираат во островскиот град за да ги прослават наградуваните романи на авторот и животот исполнет со авантури. Деновите на Хемингвеј започнаа во 1981 со натпревар за кратки приказни. Годинашната прослава заврши на 21 јули на 125-годишнината од раѓањето на Хемингвеј.

Правнукот на Хемингвеј, Стивен Хемингвеј Адамс, е роден речиси триесет години по смртта на славниот писател. Адамс рече дека работата со неговиот дедо Патрик Хемингвеј, кој бил вториот син на Ернест Хемингвеј, му помогнала да стекне подлабоко разбирање за неговиот познат предок.

„Прадедо ми сакал риболов на Карибите и лов во Африка. Сакал борби со бикови, бејзбол и бокс. Но, тој исто така беше сериозен уметник кој освои Пулицерова и Нобелова награда. Тој внесе толку многу од неговите животни искуства во своето пишување и затоа е тешко да се одвои човекот од митот“, рече Адамс.

Ки Вест, што Хемингвеј првпат го посетил во 1928 година, бил рустично рибарско село, а не раздвижена туристичка дестинација. Хемингвеј и неговата втора сопруга Полин планирале само кратко застанување за да земат автомобил за време на нивното преселување од Париз во Арканзас, каде што живеело семејството на Полин. Но, автомобилот не бил подготвен и тие морале да чекаат неколку недели.

Хемингвеј брзо се спријателил со локални сопственици на бизниси и рибари. Двојката често го посетувала островскиот град и на крајот купила француска колонијална куќа во 1931.