ФЕДЕРЕР ЌЕ ИГРА СО НАДАЛ НА ПОСЛЕДНИОТ МЕЧ ВО КАРИЕРАТА

Лондон, (Би-Би-Си)

Откако многупати играа еден против друг, формирајќи го едно од најголемите ривалства во историјата на тенисот, Роже Федерер ќе игра во тандем со Рафаел Надал на својот последен меч во кариерата.

Швајцарецот потврди дека ќе се пензионира по Купот Лејвер во Лондон, каде што ќе игра само еден меч во двојки. Тоа ќе се случи утревечер, а од другата страна на мрежата ќе бидат Американците Џек Сок и Френсис Тијафоу.

„Ќе биде прекрасно да се игра заедно со Надал. Не знам дали ќе можам, но ќе пробам. Без разлика колкупати сме играле еден против друг, секогаш постоела меѓусебна почит“, изјави 41-годишниот Федерер, кој не е во можност да игра во поединечна конкуренција поради проблемите со коленото.

Федерер нема играно од поразот во четвртфиналето на минатогодишниот Вимблдон, по кој беше на три операции на коленото.

Федерер и Надал се сретнаа 40 пати во кариерата, меѓу кои се и девет гренд слем финалиња.