ФЕСТИВАЛОТ ЛИТЕРА ЌЕ ИЗЛОЖИ ИЛУСТРАЦИИ НА МЛАДЕН ТУНИЌ, УРЕДНИК НА „РОСИЦА“, „ДРУГАРЧЕ“ И „РАЗВИГОР“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Илустрации на доајенот Младен Туниќ, кој бил ликовен уредник на детските списанија „Росица“, „Другарче“ и „Развигор“ ќе бидат изложени на 3. Фестивал за литература и илустрација за деца Литера.

Фестивалот ќе биде отворен на 3 јуни во Чифте амам. Изложбата, како што велат од Фестивалот, ќе се состои од илустрации на Туниќ што ги создавал специјално за детски списанија, книги, но и романи за возрасни.

Младен Туниќ е роден во Призрен во 1930 . На пет години неговото семејство се преселило во Скопје, каде тој го завршил основното образование во ОУ „Браќа Миладиновци“. Талентот за цртање од мал го одвел во средното Училиште за применета уметност, каде се запишал во 1945 година, на отсек сликарство.

Tуниќ e автор на логото на „Вечер“

Тој им припаѓал на првите генерации ученици на ова училиште. Неколку години по завршувањето на средното образование, почнал да работи во весникот „Нова Македонија“, како ликовен уредник – илустратор. Тој е еден од основачите на „Детска радост“, а бил одговорен ликовен уредник на сите детски списанија во издание на оваа издавачка куќа – „Росица“, „Другарче“, „Развигор“.

Кога бил основан весникот „Вечер“ во 1963 година, Туниќ бил ликовен уредник. Тој е автор на логото на „Вечер“. Освен што создал илустрации за деца, Туниќ има илустрирано и многу книги за возрасни.

Учествувал на многу изложби во земјава и во странство. Тој е еден од основачите на „Маџирмаалските средби“, кои и ден денешен се одржуваат. Починал во 1985 година во Скопје.

Освен изложбата на Туниќ, на третото издание на фестивалот, кој ќе трае до 31 октомври, ќе има и тркалезни маси, работилници во повеќе населени места низ Македонија, посети на писатели и запознавање со творештвото на автори и надвор од земјава