„Дизни“ ќе ја заврши годината со заработка од над 10 милијарди долари, станувајќи прво филмско студио на кое му успеало тоа.
Магичната граница беше надмината откако „Снежното кралство 2“ стигна до заработката од 919,7 милиони долари на светско ниво и е на прагот да стане шести филм на „Дизни“ оваа година кој остварил приход од една милијарда. Од нив, половина се анимирани.
Рекордер, не само за 2019, туку и на сите времиња, е „Одмаздници: Завршница“ со заработени 2,798 милијарди долари, па следуваат „Кралот лав“ (1,656 милијарди), „Капетанка Марвел“ (1,130), „Приказна за играчките 4“ (1,074) и „Аладин“ (1,051).
Сепак, „Дизни“ сѐ уште не завршил за оваа година, бидејќи допрва доаѓа премиерата на „Војна на ѕвездите: Подемот на Скајвокер“.
Претходниот рекорд исто така го држеше „Дизни“, откако во 2016 заработи 7,6 милијарди долари.