Педро Алмодовар го придодаде „Златниот лав“ за животно дело на својата богата колекција награди, со која Венецискиот филмски фестивал му оддаде посебно признание на еден од најугледните европски филмаџии.

Шеесет и деветгодишниот Алмодовар ја прими оваа награда 36 години по дебито во Венеција со филмот „Мрачни навики“.

„Уште се сеќавам дека ми изгледаше како чудо тоа што учествувам на меѓународен фестивал. Венеција е место кадешто сум се родил како режисер. За мене, ова е нешто многу посебно“, изјави Алмодовар.

Шпанскиот оскаровец само еднаш беше номиниран за „Златен лав“, во 1988 година за „Жени на работ на нервен слом“, филмот кој му донесе меѓународно признание.

Неговиот последен, 22. филм „Болка и слава“ излезе оваа година.