Американскиот филмаџија Ричард Линклејтр, чиј филм „Детство“ се снимаше 12 години и доби шест номинации за Оскар во 2015, подготвува уште поамбициозен проект, на кој ќе му посвети уште повеќе време.

Тој планира да ја повтори оваа формула со филмската адаптација на мјузиклот „Merrily We Roll Along“, кој, пак, се базира врз истоимената драма од 1934 година и да ја снима во наредните 20 години. Во главни улоги ќе бидат младите ѕвезди Бен Плат и Бини Фелдстин.

Merrily We Roll Along“ следи талентиран композитор од Бродвеј кој ги напушта театарската кариера во Њујорк и сите свои пријатели и оди во Лос Анџелес за да прави филмови. Дејството се случува во период од 20 години и Линклејтр планира реално да го долови.

„Првпат го видов и се вљубив во овој мјузикл во 1980-ите и не можам да замислам подобро место во кое ќе ги поминам наредните 20 години од тој свет. Знам дека нема да биде лесно, но тоа е најдобриот и единствен начин да се направи овој филм“, изјави Линклејтр.