„Готлиб“, краткиот анимиран филм на Крсте Господиновски, вечерва премиерно ќе биде прикажан во кино Милениум, во рамките на фестивалот Синедејс (21 часот).
Во продукција на „Узенгија продакшнс“ и поддржан од Агенцијата за филм, ова е првиот македонски анимиран филм во кој се користат три различни техники на анимација.
„Изгубен и заглавен во лавиринтот на сопствената потсвест, главниот лик Готлиб грчевито се бори да го пронајде патот назад во реалноста. Во оваа потрага, тој постојано го препрашува постоењето на неговиот измислен свет, дури до таму што се обидува да го деконструира. На самиот крај, додека неговите реалности се судираат една со друга, тој станува свесен за заробеноста во самиот себеси“, стои во краткиот опис на филмот.
Господиновски е режисер и сценарист на филмот, а гласот на главниот лик Готлиб го позајмува Жарко Иванов. Автори на музиката се Гоце Наумов („Сетстет“), Љубомир Стојсављевиќ („Бастион“) и Ивица Јанкуловски.