АНИМИРАНИТЕ ФИЛМОВИ НА „ГИБЛИ“ ОД СЛЕДНИОТ МЕСЕЦ НА „НЕТФЛИКС“

Њујорк, (Би-Би-Си)

„Нетфликс“ ги откупи правата на анимираните филмови на легендарното јапонско студио „Гибли“, кои од следниот месец ќе бидат во негова понуда.

Почнувајќи од 1 февруари, сите 21 филм на „Гибли“, досега достапни само на ДВД и илегално, ќе можат да се гледаат на „Нетфликс“, но тие нема да им бидат достапни на корисниците во САД, Канада и Јапонија. Филмовите ќе бидат преведени на 28 јазици и синхронизирани на 20. Тие ќе бидат пуштани во серии, па последните седум филмови ќе дебитираат на 1 април.

Често нарекувано јапонско „Дизни“, студиото „Гибли“ е основано во 1985 година од Хајао Мијазаки и Исао Такахата, но нема објавено нов филм од 2014.

„Во ова доба има разни одлични начини како филмовите да допрат до публиката. Ги послушавме нашите фанови и донесовме одлука да го стримуваме целиот наш каталог“, изјави Тошио Сузуки, продуцентот на „Гибли“, чии најпознати филмови се „Принцезата Мононоке“ и оскаровецот „Авантурите на малечката Чихиро“.