Азија Арџенто, една од првите актерки која јавно прозборе за проблемот со сексуалното вознемирување во Холивуд, го заокружи своето годинашно присуство на Канскиот филмски фестивал, кадешто беше членка на жирито, со моќен говор против Харви Вајнстин, но и самиот фестивал.
„Во 1997 година, бев силувана од Харви Вајнстин овдека, во Кан. Имав 21 година. Овој фестивал беше негов терен за лов. Тој веќе никогаш нема да биде добредојден овдека. Ќе живее во срам, игнориран од филмската заедница, истата онаа која со години ги прикриваше неговите злосторства“, кажа Арџенто, доделувајќи ја наградата за најдобра актерка.
Канскиот фестивал беше критикуван што млако реагираше на движењата против сексуалното вознемирување кои се појавија по скандалот со Вајнстин и на повиците за реформи во филмската индустрија.
„Дури и вечерва, меѓу вас седат и такви кои треба да се повикаат на одговорност за таквото однесување кон жените. За однесување за кое нема место во филмската индустрија и во ниту една друга индустрија на светот. Знаете кои сте, вие не припаѓате во оваа индустрија. Уште поважно, ние знаеме кои сте и нема да дозволиме повеќе да се извлекувате“, додаде италијанската актерка.