„Бизнисот на задоволството“, дебитантскиот игран филм на Гоце Цветановски, прослави уште еден фестивалски успех. Политичкиот трилер кој имаше македонска премиера на затворањето на Синедејс беше прогласен за најдобар филм на филмскиот фестивал Куско во Перу.
„Бизнисот на задоволството“ претходно ја освои главната награда на фестивалот „Во палатата“ во Софија и на меѓународниот филмски фестивал Канал де Панама, додека на Симфест во Романија му беше доделено специјално признание.
Во следниот период, филмот ќе се прикаже на фестивали во Тирана, Италија, Шпанија и Нигерија и ќе се бори за наградата Златна шишарка на Фестивалот за звучен дизајн и музика за филм во Самобор (Хрватска).
„Бизнисот на задоволството“ е еден од првите македонски филмови кој се снимаше додека на сила беа строгите ковид мерки. Приказната следи новинарка која опседната со исчезнувањето на нејзината најдобра пријателка подготвува тајна операција со цел да разоткрие мрежа на трговија со жени.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото.