БРИ ЛАРСОН ДЕВЕТ МЕСЕЦИ ТРЕНИРАШЕ ЗА УЛОГАТА НА КАПЕТАН МАРВЕЛ

Лос Анџелес, (Пипл)

По Алисија Викандер, уште една оскаровка се посвети на интензивни физички подготовки за улога во акционен филм.

Во изминатите девет месеци, Бри Ларсон напорно вежбаше во теретана, за да се трансформира во Керол Денверс за долго очекуваниот „Капетан Марвел“, првиот филм од универзумот на „Марвел“ во којшто главната улога ја има жена.

Девет месеци тренинг му прават чуда на вашето тело, вели Ларсон (Фото: Инстаграм)

Продукцијата на филмот почна во понеделникот и Ларсон на Инстаграм објави неколку кратки видео-снимки, од коишто се гледа колку далеку отишла со тренинзите.

„Девет месеци тренинг навистина му прават чуда на вашето тело. Да се биде посилен е процес на којшто секојдневно сум посветена“, напиша 28-годишната Ларсон.

За да се подготви за улогата на Керол Денверс, Ларсон се дружеше и со вистински пилоти (Фото: Инстаграм)

Диетите и тренинзите за улогите во филмовите на „Марвел“ се неверојатно стриктни и Ларсон покажа дека е дорасната на задачата, без проблеми правејќи склекови и вежби на справи.

Бидејќи Керол Денверс е пилотка со супермоќи која треба да го спаси светот, вклучувајќи се во интергалактичка војна, Ларсон, исто така, се дружеше со вистински пилоти за да добие корисни совети.