БУТАНСКО-УНГАРСКИОТ ФИЛМ „АГЕНТ НА СРЕЌАТА“ ПОБЕДИ НА МАКЕДОКС

Скопје, (СМАРТ. СДК.МК)

Бутанско-унгарскиот документарен филм „Агент на среќата“ на Доротја Зурбо и Арун Бхатараи ја доби наградата „Кромид“ за најдобар долгометражен документарен филм на затворањето на 15. издание на Фестивалот на креативен документарен филм МакеДокс (15-22 август).

Комисијата за наградата „Кромид“ беше во состав Кјара Либерти, Надја Тенштет и Владан Петковиќ.

„ Наградата ‘Кромид’ ја доделуваме на еден редок филм кој на возбудлив начин ги комбинира личното и политичкото предизвикувајќи моќни ефекти. Лесно се поврзуваме со главниот јунак благодарение на природата на неговата ситуација, и неговата особено допадлива личност која со љубов е прикажана на начин кој речиси потсетува на лик од фиктивен филм. Токму тоа е она што ја претвора навидум локалната приказна во универзална. Режисерите им посветуваат на страничните протагонисти неочекувано внимание кое изненадува позитивно и го проширува и продлабочува опсегот на филмот, откривајќи ја темната страна на оваа убаво снимена и паметно измонтирана филмска приказна“, стои во одлуката на жирито.

Посебно признание во оваа категорија доби филмот „Молкот на разумот“ на филмската авторка Кумјана Новакова.

За наградата „Млад кромид“ од селекцијата „Нови автори“ одлучуваше комисијата во состав Маел Генег, Игор Анѓелков и Ваутер Јансен. Наградата ја доби „Баломанија“ на Сисел Морел Даргис.

Жирито за наградата „Сечкан кромид“ за најдобар краток документарен филм беше во состав Инеке Смитс, Иева Убеле и Мартина Дроанди, а наградата ја доби францускиот документарец „Диви“ на Леонор Мерсиер.

За наградата „Кокарче“ за најдобар студентски документарен филм одлучуваше комисијата во состав Јустина Грачнер Ботоњиќ, Ива Росандиќ и Јована Ѓорѓиовска. Наградата ја доби „Алое, фикус, авокадо и шест драцени“ на Марта Смеречинска.

Одлуката за Наградата за филм со најдобри етички идеи на 15. МакеДокс ја донесе комисијата во состав Себастијан Кајзер, Драгомир Зупанц и Искра Гешоска за „Кикс“ на Давид Микулан и Балин Ревез.

Фото: Гардијан