ДА НЕ БЕШЕ АКТЕР, ТОМ КРУЗ ЌЕ БЕШЕ НАЈДОБАР КАСКАДЕР НА СВЕТОТ

Лос Анџелес, (Ројтерс)

Филмската франшиза „Невозможна мисија“ стана синоним за храбри каскадерски сцени, во кои Том Круз се качуваше по највисоката зграда на светот и висеше од авион во движење.

Во најновиот, шести филм од серијалот, насловен „Последици“, кој од утре ќе се прикажува низ светот, Круз стана првиот актер кој извел слободен пад од височина од 7.500 метри.

Вејд Иствуд, главен координатор за каскадерските сцени во филмот, кој има работено и на серијалите Џејмс Бонд и Џек Ричер, открива како се подготвувал 56-годишниот Круз, кој инсистира да снима акциони сцени без дублер.

„Том игра лик кој не е суперхерој. Јас подготвувам тренинг-програма за него и тој стопроцентно се посветува на неа. Колку и да се напорни тренинзите, тој ќе страда, но никогаш не се откажува. Ангажиравме некои од најдобрите тренери на светот за да го кренат Том на повисоко ниво. Тој мораше да ги достигне не за 20 години, туку за два месеца“, вели Иствуд.

Тој открива дека Круз никогаш не одбил да сними сцена затоа што била преопасна.

„Доколку не беше актер, Том ќе беше еден од најдобрите каскадери на светот. На каскадерите никогаш не им се гледа лицето, но Том го игра ликот, па кога скока, тој мора и да глуми. Тоа е предизвик што ретко се гледа“.

Иствуд додава дека актерите како Круз се реткост.

„Има малку актери кои се така добро физички подготвени и кои сами прават сѐ. Еден од нив е Хју Џекман. Том не е егоистичен актер, тој го прави она што мисли дека е добро за ликот и за приказната. Многу добро се забавувавме додека трениравме заедно“.