ДАТУМОТ НА ПРЕМИЕРАТА НА 25. БОНД И ОСТАНУВАЊЕТО НА КРЕГ ВО НЕИЗВЕСНОСТ

Лондон, (Скај/Гардијан)

Премиерата на новиот филм за Џејмс Бонд најверојатно ќе биде одложена поради заминувањето на режисерот Дени Бојл.

Изминатиов вторник, продуцентите објавија дека Бојл поради креативни разлики нема да го режира 25. Бонд филм, чија премиера е закажана за 25 октомври 2019. Според „Холивуд рипортер“, премиерата ќе се помести за втората половина на 2020 година.

„Телеграф“ објави дека Бојл сакал полскиот актер Томаж Кот да игра руски негативец, поради што дошол во судир со продуцентите.

Во големата анализа на „Гардијан“ е наведено дека заминувањето на Бојл направило хаос помеѓу продуцентите и екипата и дека е неизвесно и останувањето на Даниел Крег во улогата на Бонд.

Холивудските медиуми шпекулираат кој би можел да го замени Бојл, при што се споменуваат имињата на Кристофер Нолан, Дејвид Мекензи, Кетрин Бигелоу, Едгар Рајт и Жан-Марк Вале.