ДЕЛ ТОРО ОБВИНЕТ ЗА ПЛАГИЈАТ НА „ОБЛИКОТ НА ВОДАТА“

Лондон, (Гардијан)

Семејството на Пол Зиндел, писателот добитник на Пулицерова награда, поднело тужба за кршење на авторските права против режисерот Гилјермо дел Торо, наведувајќи дека филмот „Обликот на водата“ има премногу сличности со текстот на Зиндел од 1969 година.

Во тужбата, Дејвид Зиндел, син на американскиот драматург, тврди дека филмот на Дел Торо, кој има 13 номинации за Оскар, ја искористил драмата „Да го слушнам твојот шепот“ од неговиот татко. Наводите, кои Дел Торо и студиото „Фокс“ ги негираа, за првпат беа објавени во јануари.

Тужбата, поднесена на помалку од две недели пред свеченото доделување на Оскарите на 4 март, ги истакнува сличностите во концептот, ликовите, темите и во сцените. Семејството бара отштета и дел од заработката на филмот, која е повеќе од 70 милиони долари.

„Обликот на водата“, според сценариото на Дел Торо и Ванеса Тејлор, ја раскажува приказната за чистачка во лабораторија во Балтимор во 60-ите години, која се вљубува во морско суштество и се обидува да го спаси.

„Да го слушнам твојот шепот“, според кој беше снимен ТВ-филм пред речиси 50 години, исто така е за чистачка во лабораторија, која се поврзува со морско суштество, кое се обидува да го спаси.

„Филмот раскажува приказна која е значително слична и на многу начини идентична со онаа на претставата”, велат адвокатите на Зиндел во жалбата.