ДЕТСКИОТ ФИЛМ „СМРДУШКОВЦИ“ ОД ДЕНЕСКА ИГРА ВО КИНОСАЛИТЕ НИЗ МАКЕДОНИЈА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Германскиот детски филм синхронизиран на македонски и албански јазик „Смрдушковци“, во режија на Јенс Милер и Тоби Генкел, од денеска (18 април) почнува да се прикажува во повеќе од 10 кина низ земјава.

Во Скопје се прикажува во Кинотека и во кината Синеплекс, Милениум и Киноверзум, во Битола во Центарот за култура и во киното „Манаки“, а игра и во Неготино, Струга, Свети Николе, Кочани, Кичево и во кината Киноверзум во Велес и Штип.

„Филмот се фокусира на проблемите на семејството Смрдушковци, мали зелени суштества кои живеат на депонија и јадат ѓубре и има пораки за рециклирање, емпатија и инклузија погодни за децата“, вели дистрибутерот „Катавеј“.

Дистрибуцијата е помогната од „Герман филмс“ и МЕДИА Креативна Европа преку меѓународниот проект КидСквер (Детско катче). Од крајот на месецов филмот ќе биде достапен онлајн на платформата cinesquare.net.