„ЏОКЕР“ ИСПИША ИСТОРИЈА ОТКАКО ВЛЕЗЕ ВО КЛУБОТ НА МИЛИЈАРДЕРИ

Лос Анџелес, (Вараети)

„Џокер“ и официјално стана првиот филм во историјата кој заработил една милијарда долари, а притоа да има ограничувања за публиката (помлади од 17 години треба да го гледаат во присуство на родител).

Новиот поглед на озлогласениот противник на Бетмен притоа стана седми филм оваа година кој влегол во клубот на милијардери. Она што е уште поимпресивно е што „Џокер“ успеа во тоа без да се прикажува во Кина, која е вториот најголем пазар на светот.

Со буџетот од 62,5 милиони долари, „Џокер“ исто така е еден од најпрофитабилните филмови на сите времиња. Тој заработи 96 милиони долари во првиот викенд од прикажувањето, што претставува рекорд за октомври и освен во САД, се покажа голем хит и во Велика Британија, Мексико, Јужна Кореја, Бразил и Франција.