ДИ КАПРИО ЌЕ ГЛУМИ ВО ФИЛМОТ НА ТАРАНТИНО ЗА ЧАРЛС МЕНСОН

Лос Анџелес, (Ројтерс)

Оскаровецот Леонардо ди Каприо ќе глуми во филм за убиствата на Чарлс Менсон, објавија холивудските медиуми, но тој нема да ја игра улогата на озлогласениот водач на култ.

Филмот го продуцира и режира оскаровецот Квентин Тарантино.

Деталите за сценариото не се познати, но Тарантино во ноември рече дека тоа не е биографски филм, туку приказна поставена во текот на летото 1969 година, кога повеќе ужасни убиства во Јужна Калифорнија биле извршени од следбениците на Менсон.

Менсон, еден од најозлогласените криминалци на 20. век, почина во затвор во ноември на 83-годишна возраст. Филмот на „Сони“ ќе излезе на 9 август 2019 година, точно 50 години откако актерката Шерон Тејт и четворица нејзини пријатели беа убиени.

Холивудските таблоиди шпекулираат дека на австралиската актерка Марго Роби ѝ било понудено да ја игра Тејт, а во план се и Том Круз, Бред Пит и Ал Пачино. „Сони“ не одговори на коментарите за кастингот.

Ова ќе биде првиот филм на Тарантино кој нема да го објави компанијата на Харви Вајнстин, кого повеќе од 70 жени го обвинија за сексуално малтретирање.