„Уште една тура“, данската комична драма која завчера освои оскар за најдобар странски филм, ќе добие верзија на англиски јазик, а во улогата на Мадс Микелсен би требало да се најде Леонардо ДиКаприо. Токму неговата продукциска компанија ги откупи правата за римејк.
Засега не се потврдени режисер и сценарист на римејкот, но авторот на оригиналот Томас Винтерберг изјави дека нема да биде вклучен, иако веќе има снимано на англиски јазик.
„Филмот сега е во рацете на најдобриот актер што можете да го добиете и освен што е брилијантен актер, тој има направено и многу интелигентни избори во кариерата. Многу сум љубопитен да видам што ќе направат“, изјави Винтерберг.
„Уште една тура“ е трагикомична приказна за група средношколски професори кои почнуваат експеримент со секојдневно пиење алкохол за да внесат радост и ведрина во своите зачмаени животи. Филмот лани освои и четири европски оскари.