Шпанските истражувачи не откриле зголемено ниво на зараза меѓу луѓето кои присуствуваа на голем концерт во Барселона минатиот месец. Шестмина имале позитивен тест за коронавирус во рок од 14 дена од одржувањето на концертот, но инциденцата била далеку помала отколку во општата популација. Исто така, за четворица од нив е познато дека се заразиле на друго место, а не на самиот настан.

„Ова покажува дека средноголеми културни настани можат да се одржуваат без социјално дистанцирање, но со други мерки на претпазливост“, објавија организаторите на концертот.

Околу 5.000 луѓе зедоа учество во експериментот поддржан од шпанската влада, кој беше спроведен на концертот на групата „Лав оф лезбијанс“. Сите присутни носеа маска и дента им беше направен брз антигенски тест, но не мораа да држат дистанца.

„Нема назнаки дека имало трансмисија за време на концертот. Се надеваме дека отсега, благодарение на овие извонредни резултати, ќе заживее светот на културата како што и заслужува“, изјави експертот за заразни болести Хосеп Марија Либре.

Концертот беше еден од најголемите собири во Европа откако почна пандемијата и организаторите го опишаа како пилот-програма за рестартирање културни настани.