„ДИНА“ И „МАТРИКС 4“ ВЕДНАШ ЌЕ МОЖЕ ДА СЕ ГЛЕДААТ ПРЕКУ СТРИМИНГ

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

„Ворнер брос“ им зададе дополнителен удар на американските кина откако објави дека сите негови нови филмови истовремено ќе може да се гледаат и преку стриминг. Овој потег ќе им овозможи на фановите да ги гледаат „Дина“ и „Матрикс 4“ на „Ејч-Би-О макс“ паралелно со нивното излегување во кината.

Ова ќе ја промени досегашната пракса новите изданија прво ексклузивно да се прикажуваат во кината со месеци. Сепак, студијата се соочија со големи загуби како резултат на повеќемесечното затворање на кината поради коронавирусот и нема назнаки кога ситуацијата ќе се подобри на тој план.

Со новата одлука, сите премиери на „Ворнер брос“ предвидени за 2021 веднаш ќе се најдат во понудата на „Ејч-Би-О макс“, каде што ќе може да се гледаат еден месец од излегувањето. Освен „Дина“ и „Матрикс 4“, чии премиери веќе беа поместувани, се очекува ова да ги опфати и „Мортал комбат“, „Годзила против Конг“ и „Одредот на отпишаните 2“. „Ворнер брос“ ќе ја почне оваа пракса уште годинава со блокбастерот „Вондер Вуман 1984“.