„ДИЗНИ“ ГИ НАЈАВИ НОВИТЕ ПРОДОЛЖЕНИЈА НА „ПРИКАЗНА ЗА ИГРАЧКИТЕ“ И „СНЕЖНО КРАЛСТВО“

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

Шефот на „Дизни“, Боб Ајгер, ги најави новите продолженија на анимираните хитови „Приказна за играчките“ (Toy Story), „Снежно кралство“ (Frozen) и „Зоотропола“ (Zootopia). Тој откри дека веќе се работи на трите филма.

„Со задоволство можам да објавам дека нашите анимациски студија работат на продолженијата на некои од нашите најпопуларни франшизи. Повеќе информации за овие продукции ќе споделиме наскоро“, изјави Ајгер.

Последниот, четврти дел на „Приказна за играчките“ излезе пред четири години, исто како и вториот дел на „Снежно кралство“. И двата филма заработија над една милијарда долари. „Зоотропола 2“, пак, е најавен седум години по излегувањето на оригиналниот филм.