ДОНАЛД САДЕРЛЕНД ДОБИ ПОЧЕСЕН ОСКАР И ИМ СЕ ЗАБЛАГОДАРИ НА СИТЕ ЛИКОВИ ШТО ГИ ИГРАЛ

Лос Анџелес, (Ројтерс)

Холивуд за момент го заборави сѐ поголемиот скандал со сексуално вознемирување во својата индустрија, за да оддаде почит на делото на Доналд Садерленд и на уште четири филмаџии, доделувајќи ги почесните оскари.

Осумдесет и двегодишниот Садерленд сними повеќе од 140 филмови за половина век кариера, но никогаш не бил ни номиниран за најпрестижната филмска награда.

„Ова е многу важно за мене, за моето семејство. Би сакал да им кажам благодарам на сите ликови што сум ги играл, затоа што го оформија и мојот живот“, изјави Садерленд на свеченоста во Лос Анџелес.

Анџелина Џоли ѝ го предаде почесниот Оскар на 89-годишната белгиска режисерка Агнес Варда, чија кариера почна со Новиот бран во 50-ите години од минатиот век, по што двете заиграа на сцената.

Посебни признанија од Академијата добија и режисерот Чарлс Барнет и снимателот Овен Ројзман, кој претходно имаше пет номинации за Оскар.

По четири авторски оскари, мексиканскиот режисер Алехандро Гонсалес Ињариту доби и почесна статуетка, за својата работа на краткиот филм во виртуелна реалност „Месо и песок“.