ЕДИ МАРФИ ПОТВРДИ ДЕКА ЌЕ ГО ПРАВИ „ПОЛИЦАЕЦОТ ОД БЕВЕРЛИ ХИЛС 4“

Лос Анџелес, (НМЕ)

Еди Марфи потврди дека планира да го снима четвртиот дел на „Полицаецот од Беверли Хилс“ набргу откако ќе го заврши продолжението на „Доаѓање во Америка“, уште еден негов голем хит од 1980-ите.

Комичната франшиза која почна во 1984 го доби последниот дел десет години подоцна и во неа Марфи го игра полицаецот од Детроит Алекс Фоли, кој оригинално доаѓа во Калифорнија за да го најде убиецот на свој пријател.

Во интервјуто за сајтот „Колајдер“, 58-годишниот Марфи потврди дека „Полицаецот од Беверли Хилс 4“ ќе се случи, иако пред неколку години отфрли таква можност.

„Да, тоа е она што ќе го правиме после ‘Доаѓање во Америка 2‘. Потоа планирам да се вратам на сцена и да се посветам на стенд ап настапи“, изјави Марфи.

Вториот дел на „Доаѓање во Америка“, во кој Марфи го игра африканскиот принц Аким, ќе излезе на 18 декември 2020.