Фанови на „Монти Пајтон“, со плетена марама на главата и облечени во џемпер, панталони со трегери и високи гумени чизми, се собраа во Лондон во обид да постават необичен Гинисов рекорд, со кој ќе се одбележи 50-годишнината од појавувањето на легендарната британска комична група.

Нивните костими асоцираат на изгледот на Гамби, лик кој често се појавуваше во скечевите на „Летечкиот циркус на Монти Пајтон“, која почна да се емитува на телевизијата Би-Би-Си на 5 октомври 1969 година и засекогаш го промени светот на комедијата со својот надреален хумор. Гамбиевци се карактеризираа со мајмунска поза и со навиката да зборуваат гласно и бавно, а нивната препознатлива фраза беше „Ме боли мозокот“.

„Летечкиот циркус на Монти Пајтон“ дебитираше на Би-Би-Си на 5 октомври 1969 и засекогаш го промени светот на комедијата (Фото: Гети)

Преживеаните членови на групата Џон Клиз, Тери Гилијам, Тери Џонс, Ерик Ајдл и Мајкл Пејлин пред неколку месеци ги повикаа своите фанови вака маскирани да се соберат во што поголем број на 5 октомври во Лондон, во рамките на одбележувањето на полувековниот јубилеј. Би-Би-Си исто така објави досега непознат материјал од своите архиви, кој датира од 1969 до 1974 година.

Мајкл Пејлин и Џон Клиз во еден од легендарните скечеви на групата

„Овој материјал е светиот грал за историјата на комедијата. Кога се појави, ‘Монти Пајтон‘ радикално го промени лицето на ТВ-комедијата и ги поништи сите правила за граматиката, конвенциите и традициите на комедијата“, изјави шефот на „Би-Би-Си Хистори“, Роберт Ситер.