ЕКИПАТА ОД МАКЕДОНСКИОТ СПОТ НА „ФЕЈТ НОУ МОР“ СЕ ОБЕДИНИ ВО ПРВИОТ ИГРАН ФИЛМ НА ГОЦЕ ЦВЕТАНОВСКИ, „ДЕНОТ НА ЖЕНАТА“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Режисерот Гоце Цветановски пријатно ја изненади македонската јавност кога пред четири години сними спот за американската група „Фејт ноу мор“ и добар дел од таа актерска екипа сега се обедини во неговиот прв игран филм „Денот на жената“, чие снимање треба да почне на 1 октомври во Скопје.

Слаѓана Вујошевиќ, позната по популарниот детски анимиран серијал „Сказните на Биби“ и актерите од Кумановскиот театар Исмаил Касуми и Муса Исуфи првпат соработуваа со Цветановски на спотот Cone of Shame, што беше одлична препорака да добијат некои од водечките улоги во „Денот на жената“, урбан крими-трилер кој се занимава со трговијата со луѓе и присилната проституција.

„Имав среќа во периодот кога Гоце го правеше кастингот за спотот на ‘Фејт ноу мор‘ да бидам во Скопје, со оглед на тоа што тогаш студирав и работев во Истанбул. Една од варијантите на ликот се совпаѓаше со моите актерски темперамент и изглед, па потајно се надевав дека ќе ме избере мене. И така, на моја голема среќа, се случи една преубава соработка“, вели Вујошевиќ.

Исмаил Касуми и Муса Исуфи се актери од Кумановскиот театар

Касуми вели дека ова ќе му биде прва главна улога на македонски јазик.

„Во спотот на ‘Фејт ноу мор‘ играм херој и сега повторно ќе бидам во филмот. Оваа улога се разликува од моите досегашни улоги, бидејќи ова е урбан филм во кој се зборува и на македонски и на албански“, изјави Касуми.

И Исуфи вели дека овој филм ќе биде пресврт во однос на неговите претходни актерски искуства.

„По начинот на кој комуницираме, разговараме, анализираме и работиме на пробите со Цветановски, се чини дека се знаеме цела вечност. Разликите и видувањата за филмот речиси да не постојат помеѓу нас. Лично го запознав на снимањето на спотот на ‘Фејт ноу мор‘, каде што го играв ликот на Пимп. Гоце направи несекојдневен спот и отиде неколку чекори понапред естетски и драматуршки. ‘Денот на жената‘ е комбинација на различни елементи, драма, трилер, крими и ќе има добра рамнотежа, што ќе ја добие преку силни визуелни елементи и добра актерска игра. Не велам дека измислуваме нешто ново, но по начинот на кој ќе биде снимен филмот, ќе биде различен во позитивна смисла. Имам играно во неколку телевизиски и филмски проекти, жанровски до некаде слични со ‘Денот на жената‘ и во повеќето од нив играв негативни ликови. Во овој филм, Цветановски го виде спротивното, односно лик кој во себе содржи сплет на емоции и доживувања од минатото – љубов, посветеност, болка, разочарување и од сегашноста – депресија, незаинтересираност, страв, двоумење, но на крај, одлучност, пожртвуваност, праведност и љубов кон луѓето“, рече Исуфи.

По учеството во спотот на „Фејт ноу мор“, Слаѓана Вујошевиќ се прослави во детскиот анимиран серијал „Сказните на Биби“

Вујошевиќ го опишува својот лик како упорна и амбициозна млада дама која им пркоси на неправдите.

„Елени е новинарка која ја знае моќта на професијата што ја одбрала и не се плаши да ја искористи. Храбро и посветено влегува во истражувачки процес и разголува вистини, кои, според неа, јавноста треба да ги знае. Таа е борец сам на полето, па мора да се справува со големи дилеми, да носи важни одлуки и притоа сама да ги сноси последиците. За мене, секој лик е ново актерско искуство, секој лик е свет за себе и чувствувам потреба да му приоѓам како на новороденче. Сакам на секој проект да гледам како на ново патување“, вели Вујошевиќ, додавајќи дека можеме да очекуваме храбар филм со ангажирана тематика, кој ќе говори за присилно замолчените.

Г. КОНЕВ