ФЕСТИВАЛОТ НА НОВИОТ ГЕРМАНСКИ ФИЛМ ОД 2 ДО 6 МАЈ НИЗ МАКЕДОНИЈА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Од 2 до 6 мај во Скопје ќе се одржува 14. Фестивал на новиот германски филм, а од 3 јуни ќе патува во киносалите низ земјата: Кавадарци, Куманово, Гевгелија, Прилеп, Охрид, Радовиш, Штип, Тетово и Битола.
Отворањето е во киното Милениум со комедијата „100 работи“, филм за тоа колку материјалниот свет нè поседува или ние го поседуваме него.

„Како и секоја година, селекторите на фестивалот се обидоа да дадат разнолик пресек на современиот филм во Германија, носејќи ѝ на македонската публика драма, трагикомедија, комедија, семеен филм, детски, документарен и серија кратки филмови. Филмовите се грижливо избрани, со цел да задоволат разни вкусови и некои од нив имаат постигнато огромен успех на филмските фестивали, а еден беше и во конкуренција за Златна мечка на Берлинале“, велат од амбасадата на Германија во Македонија.

За време на фестивалот ќе дојдат Хајнц Херманс, директор на Берлинскиот фестивал за кратки филмови „Интерфилм“ и познатата филмска монтажерка од Берлин, Алета фон Фитингхоф. Тие ќе одржат предавања и работилници со студентите по филмска уметност.

Б. НЕСТОРОСКА