ФИЛМОТ ЗА БОУВИ НЕ СМЕЕ ДА ЈА КОРИСТИ МУЗИКАТА НА БОУВИ

Лондон, (Би-Би-Си)

Синот на Дејвид Боуви го критикуваше новиот филм за британската музичка легенда и кажа дека нема да дозволи неговата музика да се појави во него. Данкан Џонс изјави дека продуцентите на „Стардаст“ немаат право да ја користат музиката на Боуви во филмот, ниту тој бил одобрен од семејството.

„Не велам дека овој филм нема да се случи. Но, ако сакате да гледате биографски филм за Боуви во којшто ја нема неговата музика, тоа е до вас“, напиша Џонс на Твитер.

Продукцијата на филмот што го режира Габриел Рејнџ треба да почне во јуни, а во улогата на младиот Боуви ќе се појави Џони Флин. Филмот ќе го следи првото гостување на Боуви во САД во 1971 година, што го инспирирало да го создаде ликот на Зиги Стардаст.

Но, Џонс вели дека семејството воопшто не било консултирано за филмот, ниту знае како ќе изгледа. Место тоа, тој предлага анимиран филм за Боуви, што би го напишал наградуваниот писател Нил Гејмн.