Култни француски и советски филмови ќе се прикажат во летното кино на Кинотеката во рамките на првото издание на Фестивалот на неми и класични филмови, што почнува денеска и ќе трае до 16 август.
Од француските филмови ќе можат да се погледнат некои од најзначајните примери на „Новиот бран“: „400 удари“ (1959) на Франсоа Трифо, „До последен здив“ (1960) на Жан-Лик Годар и „Еден човек и една жена“ (1966) од Клод Лелуш.
Советската кинематографија ќе биде претставена преку трилогијата на Александер Довженко, „Звенигора“ (1928), „Арсенал“ (1929) и „Земја“ (1930).
Фестивалот ќе се отвори во 20 часот со премиерата на вториот дел од проектот „Тајните архиви на градот“ на Катерина Габунија, колаж од дигитализирани осуммилиметарски филмски ленти, собрани преку јавен повик, во кои граѓаните на Скопје раскажуваат за градот и за скопјани.
Од архивот на Кинотеката ќе се прикаже избор од познатите журнали „Филмски новости 1945-1948“, кои содржат репортажи од Македонија.