ГОДИНАШНИТЕ ОСКАРИ ЌЕ СЕ ПРЕНЕСУВААТ ВО ЖИВО ОД ПОВЕЌЕ ЛОКАЦИИ

Лос Анџелес, (АФП)

Годинашната церемонија на доделување Оскари ќе се пренесува во живо од повеќе локации, објави Академијата за филмска уметност и наука.

Најголемата ноќ во светот на филмот во изминатите децении се одржуваше во театарот „Долби“ во Лос Анџелес, но бидејќи вториот најголем град во САД е под ковид рестрикции, церемонијата мораше да се прилагоди на барањата на пандемијата, соопштија организаторите.

„За да се обезбеди шоу во живо какво што сакаат да гледаат луѓето низ цел свет, церемонијата ќе се пренесува од повеќе локации, вклучувајќи го и ‘Долби‘. Деведесет и третите Оскари ќе бидат како ниедни досега, додека во прв план се јавното здравје и безбедноста на учесниците“, изјави портпаролот на Академијата.

Други детали за церемонијата, која ќе се одржи на 25 април, два месеца покасно од обично, не се откриваат. Познато е само дека продуцент на шоуто ќе биде оскаровецот Стивен Содерберг.