ГОЦЕ ЦВЕТАНОВСКИ ГО ОБЈАВИ ПРВИОТ КРАТОК ТРЕЈЛЕР ЗА СВОЈОТ ПРВ ИГРАН ФИЛМ „ДЕНОТ НА ЖЕНАТА“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Режисерот и сценарист Гоце Цветановски го објави првиот краток трејлер за својот прв игран филм „Денот на жената“, трилер во чиј фокус се трговијата со луѓе, присилната проституција и насилството врз жени.

Филмот се снимаше 28 дена во октомври на повеќе локации во Скопје и Куманово, без попречувања од актуелната пандемија.

Во главни улоги се Слаѓана Вујошевиќ, Муса Исуфи и Исмаил Касуми, а во актерската екипа се и Катерина Коцевска, Дамјан Цветановски, Елени Декидис и Егзона Салиху. Директор на фотографијата е Фејми Даут, кој работеше на филмот по големиот успех со документарецот „Медена земја“.

„Филмот е во завршна фаза на монтажа, остануваат само уште некои финеси, но засега не знам точно кога би била премиерата. Сега работиме на обезбедување копродуценти и дистрибутери и за таа цел, филмот ќе биде претставен на пазарот на неколку големи фестивали, како Ротердам и Берлинале“, вели Цветановски.

Г. КОНЕВ