ХАНИС БАГАШОВ И СТЕФАН ВУЈИСИЌ ЌЕ УЧЕСТВУВААТ НА БЕРЛИНАЛЕ ВО ПРОГРАМАТА ЗА ТАЛЕНТИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Режисерот Ханис Багашов и актерот Стефан Вујисиќ ќе учествуваат во програмата „Берлинале талентс“ на годинашниот филмски фестивал во Берлин, што почнува утре и ќе трае до 1 март.

Дваесетгодишниот Багашов е режисер, сценарист, фотограф и актер. Негови проекти се краткиoт филм „Мишко“, кој беше во официјалната селекција на Сараевскиот филмски фестивал во 2018, документарецот „Лица“ и краткометражната комедија „Долу од рајот“, а играше во „Кога денот немаше име“ на режисерката Теона Стругар Митевска. Во постпродукција е филмот „Сестра“ на Дина Дума, во кој исто така има улога.

Вујисиќ во претставата „Орестија 1/4“ (Фото: МКЦ)

Вујисиќ од лани е вработен во Драмски театар, но игра и на независните театарски сцени. Тој глумеше и во ланскиот учесник на Берлинале, „Господ постои, името ѝ е Петрунија“.

Програмата за „Берлинале талентс“ почнува в сабота, а ќе учествуваат 266 уметници од 86 земји.

„Мојата година со Селинџер“ на канадскиот режисер Филип Фалардо ќе го отвори 70. издание на Берлинале. Македонија ќе биде дел од фестивалот и преку „Малмкрог“, новиот филм на еден од најреномираните романски режисери Кристи Пују, во кој копродуцент е „Сестри и брат Митевски“.