Харисон Форд допатува во Кан за премиерата на петтиот дел на „Индијана Џонс“, насловен „Повикот на судбината“ (Indiana Jones and the Dial of Destiny), што беше еден од најисчекуваните настани на годинашниот фестивал. Овој филм првпат беше најавен во 2018 и оригинално требаше да излезе во 2019, но по бројни одложувања, тоа се случи дури вчера, неполни два месеца пред 81. роденден на главната ѕвезда.
Првиот филм од серијалот во чие создавање не учествуваа Стивен Спилберг и Џорџ Лукас го режираше Џејмс Менголд.
Форд дојде на црвениот тепих со сопругата Калиста Флокхарт, по што му се придружија и останатите ѕвезди од филмот Мадс Микелсен и Фиби Волер-Бриџ, како и режисерот Менголд.
Ова е последен пат Форд да го глуми легендарниот авантурист, а во киното беше награден со громогласен аплауз. На Форд исто така му беше доделена Златна палма за животно дело.
„Трогнат сум. Велат, пред да умреш, животот ти поминува пред очите. Мислам дека токму тоа ми се случи сега. Индијана Џонс беше голем дел од мојот живот“, изјави Форд.
И претходниот филм „Индијана Џонс и кралството на кристалниот череп“ имаше премиера во Кан во 2008.
(Фото: АП)