ИДРИС ЕЛБА НАВЕСТИ ДЕКА Е СЛЕДНИОТ ЏЕЈМС БОНД

Лондон, (Би-Би-Си)

Идрис Елба објави мистериозен твит, во којшто најави дека, можеби, ќе биде следниот актер кој ќе го толкува Џејмс Бонд.

„Моето име е Елба, Идрис Елба“, напиша британскиот актер, неколку дена откако продуцентите на славната филмска франшиза кажаа дека тој би можел да биде следниот агент 007.

За фановите, ова беше јасен знак дека Елба од наредната година, од 26. филм, ќе ја преземе улогата од Даниел Крег. Првите најави дека ова би можело да се случи се појавија уште во 2014 година, што Елба никогаш не го демантираше.

„Мислам дека сум малку стар за оваа улога, но кога ме поврзуваат со улогата на Бонд, се чувствувам како национално богатство“, кажа своевремено 45-годишниот Елба.

Главната продуцентка на франшизата Барбара Броколи неодамна кажа дека е време Џејмс Бонд да го игра актер кој не е бел.

Сепак, на потврдата кој ќе биде следниот Бонд ќе мора да се почека, бидејќи Крег допрва треба да почне да го снима новиот филм.