ИМАВ СОН ДЕКА ЏОКЕР ТРЕБА ДА ПЕЕ ВО ВТОРИОТ ФИЛМ, КАЖА ХОАКИН ФЕНИКС ПО ПРЕМИЕРАТА ВО ВЕНЕЦИЈА

Венеција, (АП)

Хоакин Феникс, кој доби Оскар за најдобар актер за насловната улога во „Џокер“ од 2019, кажа дека имал сон за својот лик, што го натерало режисерот Тод Филипс да сними продолжение. „Џокер: Лудило за двајца“ (Joker: Folie a Deux) вчера имаше светска премиера на Венецискиот фестивал како еден од најисчекуваните филмови, а главните актери Феникс и Леди Гага беа наградени со 11-минутни овации.

Приказната продолжува таму каде што завршува првиот филм, кога Џокер е во затвор и чека судење за повеќекратно убиство. Во затворот се вљубува во пациентката на менталната установа Харлин Квинзел (Леди Гага), а нивната интензивна љубовна приказна се прикажува низ халуцинирачки точки со песни и танци.

Хоакин Феникс (Фото: АП)

Имав сон во кој го играм Џокер како пее, му се јавив на Тод и му реков дека тука би можело да има нешто“, кажа Феникс.

Во необичен пресврт за една судска драма, тој и Гага изведуваат уникатни верзии на класични песни.

Начинот на кој се користи музиката им дава на ликовите можност да го изразат она што треба да го кажат, бидејќи сцената и самиот дијалог не се доволни“, вели Гага.

Леди Гага со свршеникот Мајкл Полански (Фото: АП)

Феникс ослабнал над 23 килограми подготвувајќи се за улогата во „Џокер“, кој заработи над милијарда долари на киноблагајните. Низ слична трансформација поминал и овојпат, но негираше дека повторно изгубил толку многу килограми. Одби да открие детали за својата строга диета, но кажа дека била безбедна.

Не сакам и третпат да минувам низ тоа. Имам 48 години и веројатно не би требало повторно да го правам“, призна Феникс.

(Фото: АП)