„ИСЦЕЛИТЕЛ“ НА СТАВРЕСКИ ОД 19 ЈУЛИ ИГРА ВО ГРЦИЈА

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

Македонскиот филм „Исцелител“ на режисерот Ѓорче Ставрески на 19 јули започнува со кино прикажување во Грција. Премиерата ќе биде во легендарното кино Сине трианон во Атина, во кое повеќе од 50 години се прикажуваат светски современи достигнувања и филмски класици.

„Исцелител“ изминативе месеци освои повеќе награди, меѓу кои наградата за најдобар филм во меѓународната селекција на фестивалот во Санта Барбара, Калифорнија, една од најзначајните смотри на независен авторски филм во САД, како и признанието од публиката во Солун, и наградата за најдобро сценарио на Фестивалот на медитерански филм во Брисел.

Во „Исцелител“, црната комедија за синот кој нема пари да му купи лекови за рак на болниот татко па почнува да го лечи со алтернативна медицина, играат Благој Веселинов и Анастас Тановски, камерата е на Дејан Димески. Македонската премиера беше на 19 ноември лани, на затворањето на филмскиот фестивал Синедејс во Скопје.

Дебито на Ставрески во јануари годинава премиерно играше на каналот „Синемакс“ на најголемата светска ТВ мрежа „Ејч-Би-О“ во 14 земји во Европа.
Ова е прва македонско-грчка копродукција, а Ставрески вели дека грчкиот продуцент се нафатил за филмот и покрај економската криза во Грција.