ИТАЛИЈАНСКАТА АВАНТУРА „ПО СТАПКИТЕ НА МОЈОТ ТАТКО“ ВО МАКЕДОНСКИТЕ КИНОСАЛИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Италијанскиот авантуристички филм „По стапките на мојот татко“, во режија на Марко Сегато, од денеска игра во Кинотеката на Македонија (18 часот) и во 3Д киното во Битола (од 20 часот).

Од четврток, филмот продолжува во Центарот за култура во Неготино, а во наредните денови и во Гостивар.

Филмот е добитник на Гран прито на фестивалот во Анеси, наградата за најдобар актер на фестивалот во Монтреал минатата година и на италијанскиот Златен глобус за најдобра кинематографија. Дејството е сместено во 1950-ите во едно село во срцето на планините Доломити.

„Доменико е младо момче, кое има суров и тежок однос со татко му Пјетро, а долгите тишини ги претворија во двајца странци. Веќе извесно време, мечка му се заканува на селото. Една ноќ, Пјетро го предизвикува еден човек да ја убие мечката во замена за пари, авантура што повторно ќе ги зближи таткото и синот“, најавува дистрибутерот „Узенгија“.

Дистрибуцијата на филмот во Македонија е поддржана од Министерството за културно наследство и туризам на Италија, во соработка со Институтот „Луче Чинечита“ и АНИКА.