ЌЕ СЕ СНИМА НОВА ФИЛМСКА ТРИЛОГИЈА „ВОЈНА НА ЅВЕЗДИТЕ“

Лос Анџелес, (Ројтерс)

„Дизни“ работи на нова филмска трилогија „Војна на ѕвездите“, што засега е во рана фаза, изјави извор од компанијата. Сценариото го пишува британскиот продуцент и режисер Сајмон Кинберг.

Последниот филм од овој серијал што излезе во кината е „Подемот на Скајвокер“ од 2019.

„Новата трилогија ќе почне со свежа приказна и не е поврзана со сагата за Скајвокер“, изјави изворот, не откривајќи други детали.

Креиран од Џорџ Лукас, „Војна на ѕвездите“ е еден од најуспешните филмски серијали на сите времиња и од појавувањето во 1977, филмовите имаат заработено над пет милијарди долари на киноблагајните.