Никол Кидман и Шарлиз Терон ја предводат листата ѕвезди во новиот филм за поранешните водителки на „Фокс њуз“, Гречен Карлсон и Меган Кели, кои проговорија за сексуалното вознемирување на мрежата уште пред да започне движењето #МеТоо.

Кидман ќе ја игра Карлсон, поранешната Мис Америка која се образувала на Стенфорд и Оксфорд. Таа го обвини покојниот медиумски магнат Роџер Ајлес за сексуално вознемирување.

„Се надевам дека ќе се прикаже вистинската приказна. Најважно е што сега многу повеќе им се верува на жените и им се дава глас“, изјави Карлсон.

„Вараети“ објави дека Терон ќе ја игра Кели, кој стана славна по судирот со Доналд Трамп за време на кампањата за претседателските избори во 2016 година, а која сега го води утринското шоу во ривалската мрежа Ен-Би-Си.

Марго Роби исто така е во преговори да се приклучи на екипата, објави „Холивуд рипортер“.

Ајлес, кој ја основа „Фокс њуз“ во 1996 година и помина две децении на чело на телевизијата, почина на 77 години во мај 2017 година по пад во неговата бања на Флорида. Една година претходно, тој беше тргнат од „Фокс њуз“ по обвинувањата за сексуално вознемирување на повеќе од 20 жени.