КООРДИНАТОР ЗА ИНТИМНОСТ ПРИ СЦЕНИ НА СЕКС – ПРОФЕСИЈА ВО ПОДЕМ ВО ХОЛИВУД

Њујорк, (Би-Би-Си)

Координатор за интимност е професија што не постоеше до пред неколку години, но изминативе две години стана потреба во филмската индустрија.

Тие се обучени „надгледувачи на работа“ и им помагаат на актерите и продукциите во снимањето на чувствителни секс сцени, односно сите во кои има физички контакт, од прегратки и бакнежи до голотија и симулирање сексуален однос.

„Игра на тронови“ донесе многу секс во ТВ-продукцијата (Фото: Ејч-Би-О)

Американската ТВ-мрежа Ејч-Би-О ангажира координатор за интимност за секоја серија во која има голотија.

Алис Родис доаѓа на сет во Њујорк за да го надгледува снимањето на доста комплексна сцена – групен секс. Таа треба да осигура ситуација во која режисерот ќе ги почитува границите на интимност во сцена со 30 луѓе. Родис се грижи за тоа на сите да им е удобно снимањето.

„Ангажирањето на вакви професионалци се наметна поради нашата грижа за безбедноста на нашите екипи. Актерите, особено жени, се охрабрија да ги споделат нивните ситуации. Не само за Харви Вајнстин, туку и за други“, вели директорката на Здружението на филмски актери Габриела Картерис.

Родис (лево) на снимањето на серијата „Хрониките од Тајмс сквер“

Поранешниот филмски магнат Вајнстин деновиве беше осуден на 23 години затвор за силување. Обвинувањата против него помогнаа да се развијат движењата #MeToo and Time’s Up.

„Отсекогаш имавме дублери и кореографи за сцени со борење, но за интимност и голотија, што исто така се ситуации од висок ризик, никој не водеше сметка. Тоа е шокантно“, вели Родис.

Во филмската индустрија досега се ангажирани околу 50 координатори за интимност, главно во САД и Велика Британија.